
Менса Македонија е дел од Mensa International , меѓународното здружение на луѓе со висок коефициент на интелигенција. Тоа, пред се, е друштво на пријатели, а не претерано сериозни интелектуалци – збир на луѓе од различно потекло, карактер, старост, со различни професии и полиња на интерес.
Што е Менса? Каква организација е Менса?
Менса е меѓународна организација основана во Оксфорд, Англија, во 1946 година, од страна на Roland Berrill, правник и Др. Lance Ware, научник и адвокат. Основната идеја била идентификување на натпросечно интелигентните луѓе од секоја нација и секоја област на човековото живеење и нивно поврзување во организација. Нивните цели биле, исто како што се и денес, да се создаде организација која ќе е непрофитна и ослободена од сите расни и религиозни поделби, и ќе делува за добробит на човештвото.
Менса е меѓународна организација отворена за членство на луѓе од сите профили, кои го исполните единствениот услов за членство, односно се квалификувале во горните 2% на било кој од постоечките стандардизирани тестови на интелигенција, со цел заедничко дружење и учествување во широк спектар на социјални, научни и културни активности.
Менса е меѓународна организација која има еден единствен услов за квалификација на своите членови: морате да имате резултат во горните 2% на стандардизиран и надгледуван тест на интелигенција. Освен IQ резултатот, не постојат други услови за квалификација за членување.
Менса е меѓународно семејство на натпросечно интелигентни луѓе.
Кои се целите на Менса?
Менса има три основни цели:
1. Идентификација и потстрек на човековата интелигенција за добробит на човештвото.
2. Унапредување на методите за истражување на природата, карактеристиките и користењето на интелигенцијата.
3. Обезбедување на стимулативни интелектуални и општествени услови за своите членови.
Што значи зборот “Менса”?
Зборот “Менса” потекнува од латинскиот јазик и во буквален превод значи “маса”. Во преносна смисла, името означува организација креирана по принципот на тркалезна маса, каде што сите членови се еднакви без разлика на нивната раса, пол, национално потекло, религија, возраст, образование, политички убедувања и социјална положба.
Колку членови има Менса?
Денес Менса има околу 110.000 членови во преку 100 земји. Има 28 национални Менса организации, односно ограноци (national chapters) во: Австралија, Австрија, Белгија-Луксембург, Бугарија, Канада, Канарски острови, Колумбија, Чешка, Данска, Финска, Франција, Германија, Хонг Конг, Унгарија, Кореја, Италија, Малезија, Холандија, Нов Зеланд, Полска, Сингапур, Словачка, Јужна Африка, Шпанија, Шведска, Обединето кралство (Велика Британија), САД и Југославија.
Менса има 13 национални организации “во конституирање” (кои немаат поднесено барање или веќе чекаат за прием – emerging chapters): Белорусија, Хрватска, Грција, Индија, Индонезија, Киргистан, Македонија, Норвешка, Филипини, Пакистан, Романија, Тајван и Швајцарија.
Менса Македонија е 41 национална организација и најмладата членка на интернационалното семејство на Менса.
Најмногу членови имаат Менса САД и Менса Велика Британија.
Кои личности членуваат во Менса?
Менса мото: Ние мислиме, значи постоиме. (We think, therefore we are)
Членовите на Менса немаат некоја посебна доминантна карактеристика, освен високиот коефициент на интелигенција (IQ>148). Тука членуваат луѓе чија возраст е од 4 – 94 години, но најмногу од нив се меѓу 20 и 49 години. Има Менсијанци кои не завршиле ниту основно, ниту средно образование, а има и такви кои имаат повеќекратни докторати. Има Менсијанци кои се сиромашни и Менсијанци кои се милионери. Опсегот на работните места е неверојатно широк. Во Менса членуваат професори, научници, доктори на науки, компјутерски програмери, актери, музичари, уметници, полицајци, пожарникари, возачи, фармери, работници, и што уште не. Има познати Менсијанци кои се јавни личности и добитници на награди, но има и многу непознати Менсијанци чии имиња ништо нема да Ви значат. Менсијанците се исти како луѓето кои ги среќавате секојдневно, само што тие уживаат во тоа да ги користат своите умствени способности повеќе од другите луѓе. Има Менсијанци на кои Менса им обезбедува чувство на припадност, семејство, но има и Менсијанци за кои Менса е само организација како и многу други. Има многу бракови склучени помеѓу членови на Менса, но за многу луѓе, Менса едноставно овозможува стимулативни опции за мозокот. Скоро е сигурно дека најголемиот број од членовите имаат добра смисла за хумор и желба за зборување. И обично, тие имаат многу да кажат.
Кои ставови ги застапува Менса?
Менса не зема учество во политички, религиозни или социјални настани, ниту, пак, поддржува било какви погледи кои би биле на штета на општеството. Менса вклучува членови од многу различни земји и култури, со многу различни ставови. Менса како организација не ги ограничува своите членови како поединци во изразувањето на личните ставови, но не застапува ниту еден од нив, не делува политички, ниту остварува соработка со други организации по религиозна, политичка, идеолошка или етничка основа. За Менса е неприфатливо да заземе одреден став, бидејќи тоа е спротивно со нејзиното декларирање како заедница на ставови. Меѓутоа, индивидуалните Менса членови честопати имаат цврсти ставови. Речено е дека во една просторија во која има 12 Менсијанци, ќе слушнете 13 различни мислења на која и да било дадена тема.
Повеќе информации за организацијата ќе најдете на www.mensa.org.mk
За интелигенцијата
Терминот интелигенција потекнува од латинските зборови: “интер” (интер = помеѓу) и “легере” (легере = одбира, избира), во буквален превод значи “избира помеѓу” – со општо значење увидување на меѓусебните врски. Ова е најстарата и се уште актуелна дефиниција на интелигенцијата: способност за увидување на односи и врски помеѓу предметите и појавите. Постојат многу различни дефиниции за интелигенцијата, кои ги поставиле повеќе од 250 научници од различни области. Интелигенцијата е капацитет на личноста да се однесува на одреден начин, успешно да се справува со предизвиците и да ги постигнува своите цели.
Интелигенцијата е серија од вештини кои и овозможуваат на личноста да ги препознае и реши препреките од било кој вид кои се јавуваат во животот.
Интелигенцијата е комплекс од многу различни способности и начини на мислење, како: способност за апстрактно мислење; способност да се разберат комплексни идеи; способност за брзо и успешно учење и стекнување на знаења; искористување на претходното искуството, способност за успешно прилагодување на промените во околината, што подразбира и успешно решавање на проблеми.
Некои од способностите кои ја сочинуваат интелигенцијата се:
- Прилагодување на нови ситуации и промена на поставените цели
- Учење или профитирање од искуство или тренинг
- Апстрактно мислење, со употреба на симболи и концепти
- Совладување на пречки со размислување
-Разбирање на комплексни идеи
Интелигенцијата е внатрешна карактеристика на личноста и првенствено има рационална природа. Но, таа никогаш не е потполно рационална, на неа влијаат емоциите, мислењето и интуицијата.
Интелигенцијата во суштина е ментална адаптација на новите околности, со кои се среќава личноста во текот на нејзиниот живот.
Основната карактеристика на интелигенцијата е степенот до кој единката се прилагодува на средината. Оваа можност за прилагодување ја обезбедува способноста за расудување по која се разликуваат интелигентната и ментално заостанатата личност.
Интелигенцијата не е знаење, иако честопати се поистоветува со него. Интелигенцијата не го вклучува тоа колку си успеал во животот, колку си среќен или кој степен на образование си го завршил.
Интелигенцијата има своја индивидуална и историска општо-човечка димензија. Таа е една од најистакнатите димензии на личноста. Во денешно време во голема мерка влијае на социјалниот статус на поединецот. Оној поединец кој во својата околина е познат и признат како интелигентен, повеќе напредува од останатите во сите сфери на општествениот живот.
Интелигенцијата е битен дел на човечките способности и е основа на користењето на човечките потенцијали.
Генерално, се смета дека рапидниот раст на интелигенцијата завршува кога личноста ќе ги достигне доцните тинејџерски години – околу 16 година од животот.
Текстот е превземен од официјалната веб страница на Менса Македонија.