Неформ. образование

Што е Неформално Образование?

Неформално Образование претставува било каква организирана и прифатена образовна активност која не кореспондира со формалното образование. Неформалното образование може да се одвива и во и надвор од образовните институции, и да е наменета за сите лица без оглед на возраста. Во зависност од случаите, може да покрива образовни програми за образование на возрасни, или основна едукација за деца надвор од училишта, животни навики, работни навики, како и општи културни теми. Неформалното образование не секогаш го следи системот на скалата, може да има различни времетраења, и може но и не мора да биде гарантирана со сертификат за наученото. ”
Wikipedia

Доживотно учење

Образованието на човекот во текот на неговиот живот може да се подели во две групи: Иницијално образование и Перманентно Образование. Во групата на Иницијално образование спаѓа Формалното Образование со кое човекот се стекнува во текот на образование во редовниот школски систем. Во групата на Перманентно или постојано образование спаѓаат Неформалното образование и Информалното образование или самоучење.

Со подигнувањето на свеста за потребата за образование на возрасните, се родила идејата дека учењето би требало да трае доживотно. Поради тоа, потребен е систем на образование кој, во секој момент, на секој поединец без оглед на возраста или на професионалниот статус, ќе му овозможи прилика за стекнување на нови, разновидни и корисни знаења.

Концептот на доживотно учење ги опфаќа и ги ускладува различните облици на учење во текот на целиот човечки живот.
Тоа се: организираното учење (образование и развој) кое може да биде формално учење (школување) и неформално учење (курсеви, семинари, тренинзи од НВО или други институции за образование), како и неорганизираното или информалното учење. Со оглед на тоа дека човекот мора да учи во текот на целиот свој живот, учењето на возрасните лица не се одвива во училиштата, туку таму каде што возрасните лица живеат и работат.

Што претставува Формалното образование?

Формалното образование е најчесто поврзано со образовните институции. Тоа е хиерархиски структуриран и хронолошки подреден образовен систем кој се спроведува од основните училишта до универзитетските установи, вклучувајќи ги и академиските студии и разни облици на специјализирани програми од институции за целовременски технички и професионален тренинг. Формалното образование подразбира активности кои се изведуваат преку институционални и јавно верифицирани облици на образование заради стекнување со стручни звања, вештини и способности, а ги опфаќа предшколското, основното, средношколското и високото образование.

Што претставува Неформално образование?

Неформалното Образование е дефинирано како било каков облик на систематска образована институција (најчесто надвор од традиционалните училишни установи) чија содржина е наменета за уникатните потреби на слушателите со цел да се максимизира учењето и да се минимизираат другите елементи кои најчесто ги окупираат наставниците во формалните образовни институции (како на пример: водење евиденција за присутност, запазување на дисциплина, пишување извештаи и сл.). Неформалното образование подразбира организирани процеси на учење насочени кон оспособување на лицата за работа, за разни социјални активности, како и за личен развој.

Разлика помеѓу формално и неформално образование

Неформалното образование е повеќе насочено кон учење на практични вештини и знаења, за разлика од најголемиот дел од формалното образование. Слушателите можат да го прекинат неформалното образование доколку се незаинтересирани. Неформалното образование има тенденција да развие неформален редослед на активности, за разлика од формалното образование кое фукционира според претходно планиран редослед на активности кои се среќаваат во сите училишта. Во Неформалното образование односите помеѓу учесниците се многу повеќе неформални (улогите на предавачите и слушателите не се толку строги и честопати си ги заменуваат улогите). Неформалното образование се фокусира на практични вештини и знаења, додека пак формалното образование се фокусира на информации кои може да имаат различна примена во примена. Неформалното Образование има многу пониско ниво на структурираност (и со тоа многу поголема флексибилност) отколку училиштата.

Што претставува Информалното образование?

Информално образование е уште еден трет вид на образование. Овој вид на образование е најмалку структуриран од сите овие три видови и тој се однесува на секојдневните искуства и лекции кое не се планирани или организирани (инцидентно учење). Информалното образование подразбира активности во кои учењето и развојот се случуваат преку искуствено учење. Лицето ги прифаќа ставовите и позитивните вредности, ги развива ставовите вештините и знаења од секојдневните искуства и други влијанија и извори од својата околина. Во тие активности секое лице самостојно воспоставува контрола над процесот на учење, како и одговорност за резултатите од учењето.

WordPress SEO