Водич за обуки

Како да ја изберете вистинската обука за Вас
Индустриската ера заврши при крајот на минатиот век. Една од главната одлика на оваа ера беше важноста на формалното образование. За жал, денес формалното образование бавно се менува и честопати не е во склад со потребите на модерното општество. Формалното образование завршува некаде после дваесет и петтата година во животот и не ни овозможува знаење со кое ќе можеме да се прилагодиме на постојаниот напредок на науката и технологија. Од тие причини сè пораспространет е ставот дека учењето и постојаниот развој стануваат неопходни.

Денес живееме во ера на информации. На располагање имаме бројни извори на информации и разни технологии преку кои можеме да учиме и да го надградуваме нашето знаење. Новата ера постојано ја наметнува потребата да во текот на целиот живот се обучуваме и усовршуваме. Ова е неопходно доколку сакаме да бидеме успешни во она што го работиме и истовремено себеси да се изградиме како комплетна личност. Меѓутоа постојаното учење бара и постојано работење и и не секогаш е едноставно да го изберете соодветниот правец за развој, како и вистинската обука за себе. Затоа е потребно да започнете со процесот на одредување на најдобрата обука за Вас.

Никогаш не е доцна за дополнително усовршување
Слободно може да се констатира дека се минати времињата кога учењето беше резервирано само за одредена доба до животот. Денес тоа е потребно и на младите и на повозрасните, и на приправниците и на директорите. Без оглед на вашите години, работното место и веќе постигнатите успеси, секогаш постои простор за усовршување и никогаш не е доцна да започнете да работите на себеси. Доколку сте во подоцнежни години и размислувате или сте размислувале за промена на кариерата, веројатно сте се запрашале колку сте во чекор со новите технологии и дали, како предуслов за таков потег, би Ви биле потребни дополнителни знаења и пракса. Доколку сакате да откриете колку сте подготвени за дополнително усовршување, направете си тест. Имајте предвид дека константното учење не е резервирано само за припадниците на младите генерации, и дека дека тоа во денешно време стана потреба за сите кои сакаат да напредуваат.

Која е вашата цел?
Започнете со крајот. Утврдете на ја целта која сакате да ја постигнете со усовршување на вашето знаење. Доколку сметате дека е потребно, можете да увтрдите неколку различни цели. Изработете план и утврдете си приоритети.

Учењето е константен процес кој се одвива во текот на целиот живот. За да ја изберете вистинската обука за себе потребно е да знаете во кој правец сакате да се развивате. На Вас е да одредите што, на кој начин и во колкава мерка сакате да напредувате кај себе.

Основниот критериум за избор на вистинската обука за Вас се вашите афинитети, а потоа актуелните потреби за обука кои ги наметнуваат професијата или животот. Во зависност од тоа како планирате да ја развивате вашата кариера, можете да предвидите какви вештини ќе Ви бидат потребни во иднина. Доколку имате намера да научите нов странски јазик или да го усовршите вашиот англиски јазик, доколку сакате конечно да совладате одреден компјутерски програм кој би Ви користел на работа или да совладате некоја друга животна вештина немојте да останете на тоа. Бидете проактивни. Се разбира, морате да ги имате на ум и потребите на вашето работно место. Пожелно е приоритет да дадете на деловни вештини кои би го потпомогнале вашиот напредок во кариерата. Ставете акцент на вештините кои ќе можете најбрзо да ги искористите и материјализирате.

За да откриете што е најдобро за Вас, ставете сè на хартија. Направете лична SWOT анализа (анализа на вашите предности, мани, шанси за развој и опасности) за да утврдите кој е најдобриот пат за постигнување на целта. Доколку се определите за неколку правци во вашата обука, одредете ги целите и придржувајте се до својот личен план за усовршување. На крајот, поставете приоритети по кои ќе се усовршувате.

Изберете обука која Ви е најпотребна
Потребно е да знаете дека постојат неколку начини на надградување на вашето знаење преку обуки – различни курсеви, конференции, предавања, семинари, продолжение на формалното образование преку постдипломски студии, стручни книги со практична примена. На Вас е да се определите за типот на обука кој најмногу Ви одговара. За да донесете одлука важно е и колку слободно време имате на располагање. Доколку е потребно, направете анализа уште колку време би можеле да издвоите кога поекономично би раководеле со вашите временски активности.

Една обука може да трае еден до два дена, и тоа се најчесто интензивни курсеви или предавања каде за кратко време примате голема количина на информации, но може да траат и по неколку месеци обезбедувајќи Ви доста време да го научите, обработите и примените знаењето со кое се стекнувате. Доколку во вашиот град не го најдете посакуваниот курс, потребно е да ја разгледате можноста за патување во друг град. Доколку ниту една од овие опции не Ви одговара, во секое време можете да се свртите кон книги за усовршување. Се разбира овој метод бара поголема дисциплина бидејќи во тој случај сте сам свој предавач, никој нема да Ве надгледува или поттикнува на работа. Во тој случај, ќе бидете водени од вашата мотивација и желбата за напредување.

Следете ги информациите за достапните обуки
Кога ќе одлучите која вештина или кои вештини сакате да ги развиете и унапредите кај Вас, ќе се определите и за типот на обука која во тоа ќе Ви помогне. Потоа важно е да бидете добро информирани за сите актуелни обуки, курсеви, предавања, семинари и конференции. Доколку сте студент, потребно е да се интересирате за студентски семинари, предавања и конференции. Голем дел од овие информации можете да ги најдете на интернет.Овие информации може да пристигнуваат до Вас, доколку изберете еден од каналите за дистрибуција на информациите кои се објавуваат на интернет.
• e-mail листа
• RSS
• Facebook
• Twitter

Како да се одлучите за една обука од големата понуда
Откако ќе се одлучите за темата на обуката, многу е важно да одберете квалитетна програма на обуката кој навистина ќе Ви го даде она знаење поради кое и планирате да ја посетувате обуката. Затоа, прво што треба да направите е да се распрашате за самата програма на обуката, како се осмислени и имплементирани содржините на обуката, потоа приберете информации за предавачите, нивниот кредибилитет и методите на подучување, како и за организаторот на обуката. Сето ова можете да го направите на неколку начини.

Еден од најдобрите начини за прибирање на релевантни информации е да најдете некој ваш познаник или друго лице кое ја посетувало обуката која Ве интересира. Доколку не можете да ги најдете меѓу вашите познаници, тогаш побарајте информации на форуми на интернет. Откако ќе го најдете, замолете го да Ве упати во сè она што Ве интересира. Така ќе дојдете до информации за обуката од прва рака.

Доколку не можете да најдете вакво лице, Вашиот втор сојузник во стигнувањето до информации е интернетот. Најдете ја официјалната веб страница на организаторот и проверете дали обуката која Ве интересира е една од нивните главни програми во нивната понуда на обуки и услуги. Проверете колку често таа обука се одржува од организаторот и проверете дали и колкаво е нивното искуство во држењето на обуката. Колку е организаторот повеќе специјализиран за одреден тип на знаење и вештини, поголеми се вашите шанси да пројдете добра обука. Освен на официјалната веб страница на организаторот, обидете се со пребарување на интернет да најдете некои дополнителни информации за организаторот и за обуката наведени на други веб страници.

И на крајот кога веќе ќе имате доволно информации, искористете ја можноста да му се јавите на организаторот и да ги разјасните евентуалните дилеми кои сè уште постојат кај Вас.

Дел од тренинг центрите во својата понуда имаат и обуки скроени по мерка на потребите на нивните клиенти. Доколку сметате дека ваков тип на обука Ви е потребна, слободно контактирајте ги тренинг центрите кои имаат ваква понуда и распрашајте се повеќе за опциите кои ги нудат.

Искористете ја можноста да го посетите организаторот, да го запознаете персоналот и просториите во кои се сместени. Со тоа ќе можете да го заокружите впечатокот за организаторот на обуката што ќе Ви помогне во носењето на вашата одлука.
Значи, за да се одлучите за вистинската програма на обука, потребно е да направите потесен избор од неколку расположиви обуки. За секоја од опциите направете мало истражување. Дури тогаш ќе имате доволно информации за сите потенцијални програми, и со тоа, полесно ќе дојдете до вистинскиот избор.

Како да се снајдете во финансиски поглед
Првиот проблем на кој можете да наидете кога ќе ја изберете вистинската обука за Вас може да претставуваат финансиите. Инвестицијата во свое образование е стратешки потег и има за цел побрзо да Ве поврзе со вашите лични потреби, со потребите на пазарот и со работодавачите. Доколку на цената на обуката гледате како долгорочно вложување во себе и во сопствената иднина, ќе видите дека во вашиот буџет веројатно може да се најде простор и за дополнително образование.

Постојат неколку начини да дојдете до финансии за обука и усовршување. Како прво, доколку сте вработени, за усовршување на деловните вештини можете да се обратите за помош кај вашиот работодавач бидејќи и во негов интерес е да станете поквалитетен и квалификуван работник. Доколку ова не е опција за Вас, можете да се распрашате за можноста за плаќање на избраната обука на рати, како и за можните бенефиции за одредени групи на граѓани (студенти, невработени, пензионери…). Исто така, разни организации даваат бесплатни обуки, и можеби токму со нивна помош ќе се стекнете со знаењето кое Ве интересира.

Но, доколку ништо од ова не Ви помогне, не очајувајте затоа што постојат и други начини за стекнување на дополнително знаење. Можете да размислите за купување или изнајмување на стручна литература. Интернет, исто така е, едно од расположивите помагала во усовршувањето, каде можете да најдете доста информаци и текстови кои ќе Ви помогнат во развивањето на одредени вештини. Освен тоа, на интернет можете да најдете бројни текстуални и видео едукативни содржини кои ќе Ви помогнат во постигнувањето на Вашите цели. Доколку сте студент, можете со помош на стипендија да го платите усовршувањето кое ќе Ви користи како во понатамошното студирање, така и во развојот на кариерата.

Она што треба да го имате на ум е дека ова е вложување кое среднорочно и кое по одреден период треба да Ви ги врати парите, па и повеќе од тоа, доколку паметно го искористите вашето знаење. Многумина својата прва плата ја трошат за нов мобилен телефон и други слични поволности. Со тоа теи само избираат дополнително да прават уште поголеми трошоци. Меѓутоа, за да повеќе напредувате во животот, потребно е да ја промените својата филозофија од потрошувачка во инвестициона. Затоа е потребно да вложувате во Вашето знаење, постојано да да го надградувате и проширувате. Откако ќе го стекнете, искористувајте го на најдобар начин, затоа што тоа ќе Ви ја врати инвестицијата.

Бидете активни на обуката
Кога ќе ги направите сите подготовки, кога ќе изберете програма и организатор, време е да се посветите на обуката. На пример, еден од најлесните начини за стекнување со знаење е да внимателно слушате на предавањето, трудејќи се што повеќе да научите. Значи, прибирајте ги сите сознанија, кои Ви се нудат, и доколку сметате дека нешто не е доволно разјаснето, прашувајте. Имајте на ум дека никој од Вас не очекува да се сложите со она што Ве учат, но секогаш е корисно да имате увид во другата страна на проблемот, и да го согледате и од други перспективи. Задолжително земете ги материјалите за обуката, печатени или електронски, за да подоцна се потсетите на нешто што сте заборавиле. Доколку не Ви обезбеден материјал за обуката, побарајте го од организаторот. Исто така искористете го искуството и на организаторот и на предавачите и побарајте препораки за дополнителна литература и содржини на темата на која се однесува обуката.

Штом сте започнале, не се откажувајте
Никогаш, немојте да си дозволите да се откажете од самата обука без објективна причина. Колку луѓе познавате кои започнале да посетуваат на пример курс за странски јазик и набрзо се откажале, или пак почнувале да го посетуваат повеќе пати и постојано се откажувале? Такви примери има многу, но за жал тоа се секогаш примери како може парите, времето и енергијата залудно да се потрошат.

Доколку веќе сте одлучиле дека сакате да напредувате и да се усовршувате, прифатете го фактот дека спроведувањето на оваа одлука воопшто не е лесно и дека бара сериозен напор, откажување и посветеност. Дополнително себеси ќе се ставите на тест и вашата цел е да истраете до крај, што секогаш потоа носи одлични резултати.

Немојте да дозволите да вашето вложување пропадне со неадекватно ангажирање од ваша страна, отсуствување од предавањата или поради незаинтересираност. Запаметете, сте отишле да стекнете нови знаења и вештини кои сигурно ќе Ви помогнат, било во деловниот или во приватниот живот.

Networking
Освен стекнувањето со нови знаења, искористете ги овие обуки за запознавање со останатите слушатели на обуката, т.е. за вмрежување на контакти или networking. Ваквите обуки секогаш ги посетуваат лица кои имаат слични размислувања на Вашите. Штом тие лица се одлучиле да одвојат време да ја посетуваат обуката, претпоставуваме дека ја разбрале потребата од надградување на знаењето со што се отвораат мноштво заеднички теми за разговор. Сето тоа ќе доведе до можност да стекнете нови пријателства и да остварите нови контакти кои подоцна може да Ви бидат од корист на професионален план. За да бидете што поуспешни во ова, прочитајте повеќе корисни совети за networking.

Дајте му повратни информации на организаторот
По завршувањето на обуката, најверојатно организаторот ќе сака да го слушне вашето мислење за обуката која сте ја поминале. Пожелно е да ги истакнете како негативните така и позитивните аспекти на обуката. На овој начин и Вие учествувате во создавањето поквалитетно образование за идните слушатели затоа што на организаторите ќе им дадете информации за она што треба да се измени, унапреди и можеби дури и да се исфрли од програмата на обуката. Исто така ќе ги пофалите за сè она што било добро за време на обуката. Така да им дадете драгоцена повратна информација со која ќе обезбедите да добрите сегменти од обуката не се расипат. Дури и доколку ништо не Ве прашаат, а вие имате што да кажете, слободно кажете го вашето мислење самоиницијативно.

Практикувајте го наученото
Единствена работа која треба да ја запаметите е дека крајот на обуката воедно не е и крај на вашето ангажирање. Доколку не го применувате она што сте го научиле, тогаш само бадијала сте ги потрошиле вашите пари. Она што е веројатно најтешко, е да наученото и се примени во пракса во секојдневниот живот и да се биде истраен во тоа.

Бидете истрајни
Не заборавајте дека на почетокот ги поставивте вашите цели. Одлуката за посетување на обуката е само еден дел од вашиот план за постигнување на овие цели. По завршувањето на обуката, потребно е да бидете истрајни во примената на научените техники и методологии. Создавањето на нови и подобри навики, промената на начинот на размислување и на однесувањето на подобро, не се работи кои се стекнуваат преку ноќ. Потребно е да се биде многу принципиелен и истраен во примената на новите знаења кои сте ги стекнале, за да тие дадат вистински ефекти.

При ова треба да се знае дека не е лесно ниту да се одреди каде, во која област и кога е најефикасно да се примени она што сте научиле. Значи, по обуката субјективно согледајте ги своите дотогашни знаења и пракси и одредете што се можете да подобрите благодарение на новите искуства. Притоа размислувајте дворазумно, буквално не секое правило е применливо и во вашата компанија и во вашиот живот, значи понекогаш морате да го прилагодите она што сте го научиле на вашата ситуација. Освен тоа, треба да размислувате и критички, не морате да се сложите со се она што сте го слушнале на обуката затоа што честопати вистинското решение за Вас се крие во коригирањето на научената вештина и знаења според сопствените потреби.

Немојте да застанувате – усовршувајте се постојано
Потребно е да имате предвид дека Вие управувате со вашиот живот и се раководите според мотиви поради кои сте решиле да се усовршувате. Колку повеќе обуки посетите, толку поголем бенефит ќе имате од нив. Секоја од нив, во помала или поголема мерка, ќе Ви помогне да ги проширите вашите видици, да Ви се отворат нови можности и ги усовршите своите способности. Во согласност со тоа, може да се заклучи дека кога се работи за дополнителна обука, повеќе значи и подобро. Имено, колку повеќе знаење добиете на повеќе обуки, полесно ќе ги имплементирате во вашето секојдневно работење постигнувајќи извонредни резултати. Со стекнување со знаење од различни области ќе почувствувате како коцките Ви се поклопуваат и појасна ќе Ви биде целината. По одреден период, наместо да препишувате туѓи системи, ќе се најдете себеси како креирате ваш систем, ваши правила и ваши вредности.

Не заборавајте дека се што е неопходно за почеток на вашето лично усовршување е амбицијата, желбата за напредување во било кој правец и мотивација да таа желба ја исполните, како и многу труд и истрајност. Низ овие обуки Ви се дава можност да запознаете нови луѓе, да стекнете нови знаења и да ги проширите вашите видици и да ја зголемите вашата лична вредност. Не плашете се од нови искуства, тие може само да го збогатат вашиот живот. А вашата желба за усовршување е вредна за секоја почит, без оглед во која фаза од животниот или деловниот развој се наоѓате.

WordPress SEO